Опозицијата на протест и во Кавадарци!
“Мора да падне режимот за да има фер и демократски избори“ ваква порака беше упатена од вечерашниот протест на опозицијата во Кавадарци.
Стотина граѓани, приврзаници на опозицијата повторно ја блокираа раскрсницата во центарот на градот. Носеа транспаренти на кои пишуваше “Полициска држава“, “Отпор“, “Стоп за насилството и диктатурата“. Меѓу кавадарчани беше и кандидатот за градоначалник Бетиан Китев.
“Ние бараме освен базичните услови кои се однесуваат на прочистување на избирачкиот список и имплементирање на препораките од ОБСЕ И ОДИХР. Сега се поставува прашањето кој ќе ги организира изборите. Ако специјалци удираа пратеници, што може да очекуваме од една ваква апсолутистичка или режимска власт. Ако кон народните пратеници е искажан огромен степен на физичка сила, што останува за обичниот народ. Досега ниеден премиер не се осудил со специјални единици да интервенира при носењето на буџетото. Тоа покажува само колку е налудничава актуелната власт. Власта мора да седне и да разговара со опозицијата. “ рече на вечерашниот проетест Китев. Тој го повтори ставот на опозицијата дека може да се размислува за било какви избори само кога ќе се вратела демократијата.
За време на протестот повеќе граѓани кажуваа дека не биле задоволни од начинот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Се коментираше дека час поскоро актуелната власт морала да замине за државата да имала подобра иднина.