Адвокатите штрајкуваат !
Штрајкот на адвокатите од Кавадарци и Неготино започна. Тие денеска наместо во судница застанаа пред судовите во овие два града.
Се одлучиле наваков чекор за да го искажат револтот од како што рекоа, дискриминаторскиот закон за адвокатска маркичка и правилникот за нејзина примена. Бараат одлагање на примената на законот се до изјаснувањето на Уставниот суд по поднесената иницијатива за Уставноста и законитоста и измена и дополнување на законот со опфаќање, односно одстранување на сите недоследности.
“Побаравме подршка од Адвокатската комора, но не наидовме на разбирање. Затоа се решивме на штрајк. Не сме против фискализација, туку бараме закон кој ќе може да се применува и да не дискриминира.“ рече Блага Димова адвокат од Кавадарци.
Таа информира дека денеска на пладне во велешкиот суд ќе се одржи состанок со претставници на Адвокатската комора, по што ќе бидат познати наредните чекори и ќе се знае дали штрајкот ќе продолжи или ќе биде ставен во мирување.