Џаламарите ги избркаа лошите духови!
И годинава џаламарите од Ресава, Бегниште, Дреново и Сопот ја продолжија долгогодишната василичарска традиција.
Со голема врева низ селата се бркаа лошите духови, а се повикуваше добрината да се распостели и да зацарува.
Рано наутро се спремаат џаламарите, облекуваат клопотарци, ѕвонци, ќулафки, волнени бради, се црнат од фурните, бараат стапови. Радува тоа што традицијата на џаламарите ја продолжуваат најмладите. Тие денеска беа главни. Се` беше подготвено како што доликува на овој празник и традиција. Василичарскиот оган распламтен, ракијата згреана, трпезата со многу јадење поставена.
Џаламарите се главни. Невестата од нивната дружина мора да се дарува за плодност и бериќет во годината нова. Од василичарите-џаламари денес не куртули ниту еден кој минуваше низ овие села каде се слави Василица. Тие влегуваат во сите куќи. Се даруваат со храна и пари. Така останало да се избркаат лошите работи, лошите духови, се оди од куќа на куќа, се коледува, им даваат ореви, јаболки, месо, вино, ракија.
Ваквата традиција треба да се негува – вакви беа коментарите од сите со кои разговаравме.
Џаламарите се маскирана група составена исклучиво од мажи, која оди на сред село каде што владее светот на мажите. На секого му е дозволено да прави што сака, а се манифестира и еротското. Секој однадвор кој ќе се обиде да ја грабне невестата која не е ниту жена, ниту маж, мора да биде казнет, удрен со стап или со нога. Обичајот завршува во доцните попладневни часови, кога Џаламарите ги симнуваат маските.