Ќе се реконструира манастирот Свети Никола во Моклиште !

Објавено на 21 јануари, 2013 во 11:42

Ќе се реконструираат конаците на манастирот Свети Никола во Моклиште.

Покрај реновирањето на собите и внесување на бањи во секоја соба од конаците, ќе се работи и на реновирање на останатите објекти во комплексот.

“Ќе внесеме и некои нови содржини со цел манастирот да стане поатрактивен за верниците и сите посетители кои доаѓаат во овој верски и културно историски споменик. Планирано е реконструкцијата да биде целосно завршена годинава“ рече градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов.

Овој манастир е изграден во 1595 година од страна на зографот Никола и неговите синови од неготинското село Тимјаник.  Досега во неколку наврати управата на манастирот со помош на верниците и бизнис секторот работеше на неговото разубавување. Манастирската црква но и конаците се во одлична состојба. Манастирот е заштитен споменик на културата.

Во Моклишкиот манастир во XVII век мошне успешно работело ќелијното училиште, а првите луѓе во овој крај своето описменување го стекнале токму во овој манастирски комплекс. Манастирот имал богата библиотека која според Јордан Хаџи Константинов – Џинот, кој бил учител во селото Ваташа изнесувала околу 30 товари книги и ракописи. Тогаш во него се преселиле и монасите од Полошкиот манастир за да ја продолжат својата работа.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.