Половина век грижа за најмладите во Кавадарци. Јубилеј на детската градинка!
На Кавадарци му е потребна нова градинка. Ова е пораката што беше упатена денеска на одбележувањето на јубилејот 50 години од постоењето на детската градинка „Рада Поцева“ во Кавадарци.
„Бројот на децата се зголемува, а интересот за посета на градинката е се поголем. Деца имало секогаш кај нас во градинката, но овие последните години има многу. Ни треба нова градинка, но и проширување на постоечките клонови“ ни рече во разговор Петранка Роглева, економист, која од 1975 година работи во „Рада Поцева“. Вели дека убаво се чувствува што работниот век го поминува во близина на најмалите и никогаш не зажалила што не го променила работното место.
Цели 30 години од својот живот и професионална кариера на најмладите им ја посветила својата грижа Јулијана Малинкова, една од многуте воспитувачи во градинката. Таа расакжуваше како се работело некогаш, а како се работи денеска, каква е разликата меѓу генерациите.
„ За разлика од порано, кога се вработив во градинката и сега, има огромна разлика.Тогаш немаше многу дидактички средства. Сега овие деца имаат се`. За разлика од порано сега речиси сите деца посетуваат градинка. Сегашните генерации се многу понапредни споредено со минатите генерации. Многу е убаво да се работи со децата, да им го насочиш вниманието, да им ја дадеш првата едукација“ ни рече Малинкова.
Вработените го славеа денеска јубилејот заедно со децата и родителите. Централната прослава беше во спортската сала „Јасмин“, каде во холот беше отворена изложбата на експонати, модели изработени од вработените и дечињата што посетуваат градинка. Внатре во салата најмладите беа и најглавни. Верверички, пчелки, мечиња, зајачиња, ластовици, балерини… Публиката едноставно немаше причина да ги штеди дланките за силен аплауз.
Директорката на градинката, Снежана Ганчева, која долги години успешно го менаџира работењето, рече дека сите новини во програмата за предучилишно образование и понатаму целосно се спроведуваат, а ќе се стреми и во иднина градинката да го има високиот рејтинг меѓу родителите. Најави дека со локалната самоуправа и Министерството за труд и социјална политика ќе се заложат проблемот со немање доволно простор за сите дечиња што сакаат да посетуваат градинка ќе го решат со изградба на нов објект./ А.Д