Се згужва асвалтот околу новиот кружен тек, изведувачот ќе го поправа!
Испука асфалтот околу новиот кружен тек на влезот на Кавадарци. Наместа подлогата е згужвана а во неа има и дупки. Кавадарчани велат дека слојот од асвалт дебел едвај 5 сантиметри се собрал како крпа.
Новоизградената улица се користи неполн месец а веќе покажа пропуст на изведувачот на градежните работи. Во општината која е инвеститор на градежните работи, попладнево, рекоа дека се информирани од граѓани по што нивни службеници излегле и ја виделе состојбата.
Додадоа дека веќе од изведувачот побарале да изврши поправка. Градежната фирма им признала дека згужваниот асфалт и дупките на улицата биле последица на неквалитетна асфалтна маса која веднаш ќе ја отстранеле.
– Од утре ќе започнат со градежните работи поточно со гребење и копање на асфалтот а потоа ќе постелат нов, – рекоа од општина Кавадарци.
Овој кружен тек, кој започна да се гради во месец март, годинава треба да го разреши сообраќајниот метеж веднаш на влезот во Кавадарци од страната на Росоман./А.Д
Фото: Мојот град