Кавадарчани во лето трошат повеќе санитарна вода од европејците!
Над 200 литри вода за само еден ден преку лето трошат жителите на Кавадарци, покажува статистиката на ЈП Комуналец. Таквата потрошувачка е многу поголема споредено со европските стандарди. Во Европа еден жител троши масимум до 200 литри за да ги задоволи дневните потреби за пиење и хигиена.
„ Со зголемувањето на температурите значително се зголемува и потрошувачката на вода за пиење во градот. Во текот на ноќните часови вршиме поголема акумулација на вода во резервоарите за сметка на денот, а со тоа притисокот на вода во дистрибутивната мрежа е намален за време на ноќта. Се трудиме распределувањето на водата за пиење да биде рамномерно во сите делови на градот – рече Марјан Прескакулев раководител на Водовод.
Тој упати апел до кавадарчани да не се расфрлаат непотребно со водата, да ја штедат и да се прекине праксата санитарната вода да се користи за наводнување на бавчи и лозови насади, како и полевање на дворни површини.
Од Локалната самоуправа Кавадарци велат дека ова лето не би требало да има големи рестрикции на водата, како што тоа беше случај минатите години, кога делови од градот и по цел ден беа без вода за пиење. Сега во ЈП Комуналец преку СКАДА систем се следат сите загуби кои се јавуваат во мрежата, а со тоа полесно се открива и ненаменското користење на водата. Исто така реконструкција на водоводната мрежа, локалната самоуправа се надева дека ќе ги даде очекуваните ефекти во водоснабдувањето./ А.Д