Ечи од детскиот џагор во Михајлово!
Ечи од детскиот џагор Михајлово. Децата му се вратија на одморалиштето. Таму летува првата организирана смена на стотина ученици од Кавадарци. Под сенките на старите борови се игра фудбал, народна, одбојка се скока јаже на чистиот воздух. Додека траат прошетките на падините на Кожуф децата и се насладуваат на планинската вода.
„Си играме тенис, пинг понг, играме фудбал. Имаме разни натпреварувања, а навечер имаме организирана забава. Храната е многу убава. Имаме четири оброци со ужина. Би сакале следната година повторно да дојдиме овде и да уживаме“ рекоа децата кои летуваат преку ООУ „Гоце Делчев“ од Кавадарци. Годинава, тие се први летувалци.
Максимално се користат сите предности на здравата еколошка средина, рече д-р Еленчо Ридов. Тој е интернист од Кавадарци задолжен за 24 часовната здравствена состојба на летувалците. Во амбулантата, опремена со дефибрилатор, потребни лекови и материјали за преврска, нема пациенти. Таму никој не го користи ниту амбулантното возило со кое располага одморалиштето.
– Сите деца се со одлична здравствена состојба. Повремено, по некое дете ќе се пожали на ситни повреди добиени при игра. Овој десет дневниот омдор во Михајлово е многу полезен за подобрување на здравствената состојба на децата, – рече д-р Ридов.
– Од 15 јуни ни пристигна првата смена. Сите присутни овде, и децата и наставниците се задоволни. Од 23 јуни ги очекуваме учениците од втората смена. Ќе ни дојдат летувалците од ООУ „Тошо Велков Пепето“, – рече Љупчо Глигоров, раководител на одморалиштето.
Како што пишуваше Дума.мк, детското одморалиште е комплетно реновирано. Цената за летување во која се вклучени 8 полни пансиони со три оброка и ужина во реновиран и со ХАСАП стандардизиран ресторан, престој во целосно реновирани соби со комплетно нов ентериер е 5500 денари.
Михајлово е оддалечено 40 километри од Кавадарци. Има изградено патна инфраструктура. Освен асфалтираниот пат и близината до градот, тоа плени со живописната природа. Поради борот и елката кои ги има во изобилство во овој крај, како и многуте лековити билки на надморска височина од 1200м за Михајлово се вели дека е воздушна бања./ А.Д