Книжевна работилница за младите велешани: психолошки осврт на современа проза

Објавено на 19 јуни, 2025 во 14:48

Во просториите на медијатеката при Локалната библиотека „Гоце Делчев“, денеска, се одржа уште една во низата инспиративни книжевни работилници, наменета за младите членови – ученици, кои активно се вклучуваат во програмските активности на оваа културна установа.

Темата на денешната работилница беше психолошки осврт на расказите од книгата „Нишки до срцата“ од македонската авторка Наташа Брезовска Богоевска. Расправата ги поттикна младите учесници на подлабоко размислување за човечките емоции, односите и пораките што се провлекуваат низ литературата.

Особено внимание привлече гостувањето на психологот Соња Ристовска, која со своето стручно знаење и емпатичен пристап даде значајна поддршка во анализата на текстовите. Таа преку интерактивен дијалог со учениците ги поттикна на лична рефлексија и споделување мислења, притоа истакнувајќи ја важноста на психолошката димензија во книжевноста.

Настанот се одвиваше во пријатна и креативна атмосфера, исполнета со искрени разговори и ентузијазам кај младите љубители на литературата.

Од библиотеката најавуваат продолжување на ваквите едукативни активности, кои имаат за цел да го поттикнат критичкото размислување и љубовта кон пишаниот збор кај младата генерација.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.