Комплексот – Спомен куќи во Горно Врановци да стане повторно препознатлива дестинација, иницијатива на Народен музеј Велес (фото)

Објавено: 19 август, 2026, во 17:12 часот

Потребна е поголема афирмација на Меморијалниот комплекс во Горно Врановци. Петте реконструирани куќи-музеи од 1944 година можат, наместо нем споменик, да станат вистинска отворена историска читанка.

Тука се пишувале важни страници од македонската историја – се одржувале состаноците на Президиумот на АСНОМ и Централниот комитет на КПМ, работеле Главниот штаб на НОВ и ПОМ и ОЗНА, а во печатницата „Гоце Делчев“ е отпечатен првиот број на „Нова Македонија“.

Зошто комплексот на Спомен куќи во Горно Врановци е место што треба повторно да заживее објаснува кустос за историја на уметноста  Александра Гиовска од Народниот музеј Велес.

Врановци – место каде историјата и природата се среќаваат

Во подножјето на Јакупица, на 679 метри надморска височина и на 27 километри од Велес, се наоѓа селото Горно Врановци – место со исклучително значење за македонската историја, но и со прекрасен природен амбиент кој го прави еден од интересните потенцијали за развој на културно-историскиот и природниот туризам во Азот.

Токму затоа ЛУ Народен музеј Велес работи на актуелизација и афирмација на Меморијалниот комплекс сместен во с. Горно Врановци, со цел ова значајно место повторно да стане препознатлива и посетувана дестинација.

Горно Врановци е особено погодно за ученички посети и екскурзии, каде историските содржини можат да се доживеат непосредно, преку посета на автентично реконструираните објекти, но и преку престој во прекрасната природа на еден од најубавите делови на Азот. Истовремено, комплексот има потенцијал да привлече посетители од сите генерации – љубители на историјата, културното наследство, планината и природата.

Фото: Спомен куќа на Генералштаб на НОВ и ПОМ – Народен музеј Велес

Посетата на ова место не значи само запознавање со историјата. Таа е можност за учење, прошетка, откривање на културното наследство и уживање во природата на еден од најубавите делови на Азот.

Горно Врановци има приказна која вреди повторно да биде раскажана – но и место кое вреди повторно да биде посетено.

Место со вековна историја

Фото: Спомен куќа на ЦК на КПМ – Народен музеј Велес

Горно Врановци за првпат е документирано во турски архивски записи од 1467/1468 година. Во XIX век населението претежно се занимавало со земјоделство и сточарство, а селото броело околу 1.900 жители.

Најзначајниот период во историјата на Горно Врановци е есента 1944 година, кога селото станува седиште на највисоките партиски и државни органи на новоформираната Федеративна Македонија. Поради својата затскриена и стратешка положба, Врановци било избрано како безбедно место од кое можело да се следат воените случувања и ослободувањето на околните градови.

Меморијалниот комплекс

Фото: Спомен куќа на Президиум на АСНОМ – Народен музеј Велес

Меморијалниот комплекс бил отворен на 11 октомври 1984 година, во присуство на околу 20.000 посетители. Составен е од пет реконструирани објекти кои во 1944 година имале значајни функции:

– Президиум на АСНОМ

– Централен комитет на КПМ

– Главен штаб на НОВ и ПОМ

– ОЗНА

– Печатница „Гоце Делчев“

Во објектот на Президиумот на АСНОМ денес се наоѓа меморијална поставка со фотографии, документи и оружје. Во Горно Врановци во 1944 година се одржале шест од вкупно 15-те седници на АСНОМ.

Фото: Спомен куќа на Генералштаб на НОВ и ПОМ – Народен музеј Велес

Објектот во кој бил сместен Централниот комитет на КПМ денес содржи музејска поставка со документи и фотографии, кои сведочат за неговата политичка и организациска дејност во периодот на Народноослободителната борба.

Фото: Спомен куќа на Централен комитет на КПМ – Народен музеј Велес

Главниот штаб на НОВ и ПОМ бил сместен на стратешка височина со панорамски поглед, а во него престојувале и лицата одговорни за финалните воени операции, предводени од генерал Михајло Апостолски. Во овој објект исто така и музејска поставка со оружје, слики, мапи на движење и слично.

Фото: Спомен куќа на Генералштаб на НОВ и ПОМ – Народен музеј Велес

Особено значајна е Печатницата „Гоце Делчев“, каде на 29 октомври 1944 година било отпечатено првото издание на весникот „Нова Македонија“. Во неа се печателе и други весници, билтени, брошури и материјали од периодот на Народноослободителната борба.

Фото: Печатницата „Гоце Делчев“ – Народен музеј Велес
Фото: Печатницата „Гоце Делчев“ – прв број на весник Нова Македонија

На музејскиот комплекс во Горно Врановци припаѓа и објектот во кој била сместена  ОЗНА, организацијата задолжена за заштита на народот, бил дел од системот на највисоките политички и безбедносни структури кои во есента 1944 година функционирале од Горно Врановци. Овој објект денес е под ингеренции на МВР.

Горно Врановци било и место каде во есента 1944 година започнала со работа првата радиостаница на слободна Македонија – „Радио Слободна Македонија“. Тука се одржувале и предавања за македонската азбука и литература, со учество на Блаже Конески и други значајни културни работници. Во селото функционирала и партизанска болница која за еден месец опслужила повеќе од 800 лица.

Историја која треба повторно да се доживее

Фото: Спомен куќа на Генералштаб на НОВ и ПОМ – Народен музеј Велес

Меморијалниот комплекс во Горно Врановци  претставува значаен дел од македонското културно-историско наследство и место со голем потенцијал за едукативни и туристички посети.

ЛУ Народен музеј Велес со својата иницијатива за актуелизација на комплексот сака Горно Врановци повторно да го доближи до граѓаните, особено до младите генерации.

Александра Гиовска – Кустос за историја на уметноста на Народен музеј Велес

Лидија Ѓорѓиевска – Документатор на Народен музеј Велес

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.