Костовска и Бошевска,членови на Вики клуб Велес,наградени на Камп на млади Википедијанци во Михајлово (фото)
Анамарија Костовска, Марија Ивановска и Марија Бошевска заедно со менторката Лили Арсова учествуваа, викендов, на Викикамп во Михајлово, на Кожуф. Таму се реализираше проектот „Вики го сака живото наследство“ којшто трае цела година и е поттикнат од Сузана Анас од Копенхаген. Станува збор за петти по ред камп, кој за прв пат е од меѓународен карактер, на тема „Да го зачуваме нематеријалното наследство” со што Википедијанците се приклучуваат кон одбележувањето на 20 годишнината од Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО.
Вики кампот го отвори Снежана Штрковска претседателка на ГЛАМ а учесниците ги поздравија и иницијаторката Сузан Онес од Хелсинки и м-р Ивона Опетческа Татарчевска, виш соработник за фолклорни добра во Управата за заштита на културното наследство.
Кампот, во првиот дел, го одбележаа две инспиративни предавања.
Професор Лили Арсова од Вики клубот на Велес ги презентираше работилниците за „Гајда“ и „Кавал“како и дел од песните кои се запишани на „Викиизвор“ во претходниот период од страна на велешките википедијанци: Македонски народни песни со извикување, Жетварските народни песни, Соборски народни песни запишани од Васил Хаџиманов, Македонска народна поезија, како и песните кои потекнуваат од Велес каошто се „Велешки мерак“ и „Што ми е мило ем драго на Којник дуќан да имам“. Со тоа Википедија на македонски јазик е збогатена со нови содржини.
М-р Ивона Опетческа Татарчевска на учесниците им презентираше широк опсег на информации од овој дел на културното наследство коишто ќе бидат позитивен инпут во престојното збогатување на Википедија на македонски јазик со статии на оваа тема.
Вики кампот продолжи со нови интересни содржини како што се најуспешно прикачување на фотографија во статиите преку едукацијата на проф. Игор Кузмановски, член на ГЛАМ Македонија. Исто така за тајните на администрирање на Википедија пред учесниците зборуваше Никола Стојаноски, исто член на ГЛАМ Македонија.
Учесниците пишуваа и преведуваа нови статии. Во текот на трите уредувачки денови беа создаени над 180 нови статии на македонски јазик на Википедија и беа доделени награди на најуспешните пет википедијанци. Две од нив, Анамарија Костовска и Марија Бошевска, се членки на Вики Клуб Велес.
Вики Камп е научно-образовен камп кој го организира Здружението на граѓани ГЛАМ Македонија. Кампот е тродневен настан организиран од страна на ГЛАМ Македонија во кој учествуваат ученици коишто се ангажирани на создавање нови статии на Википедија на македонски јазик како и збогатување на постоечките. Кампот, освен главната цел, вклучува и посета на природните убавини и богатства во местото во кое што се одржува како и разгледување на културно-историски знаменитости. Дополнително учесниците се вклучија и во спортско-рекреативни активности, забава и дружење како и развивање другарства и пријателства.
Убавка Јаневска