Крадци вознемируваат и ограбуваат возрасни жени што живеат сами во Велес
Крадци им влегуваат во домовите на жени пензионерки коишто живеат сами и ги ограбуваат. Грабежите се случуваат на почетокот на месецот кога се делат пензии и социјални помошти. Два случаи се однесуваат на жени што живеат во централното градско подрачје во Велес, во еден случај кражбата завршила со одземање на пензијата на возрасна жена додека во вториот случај пензионерката била само вознемирена бидејќи крадците кај неа не нашле пари, поточно, жената ја немала подигнато пензијата од банка. Граѓани бараат од полицијата да го зголеми бројот и зачести присуството на позорникарите особено низ велешките маала и сокаци.
Од СВР Велес велат дека најголем дел од случаите се евидентирани, односно пријавени за што биле појачани контролите на униформираните полициски службеници.
-Со појачани контроли дејствуваме насекаде во градот и особено на левата страна на Велес. Во дел од пријавените кражби има осомничени лица а за останатите се работи на расветлување случаите, гласи ставот на СВР Велес.
Денеска, СВР Велес поднесе кривична пријава против триесет и две годишниот У.Ф.од Велес поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“ по член 237 од Кривичниот законик. Пријавениот, на 06.04.2022 физички ја нападнал К.Н.(77) во нејзината куќа во Велес и ѝ одзел пари.
Стефани Манева