Креативност и дружење во дворот на Јуроп хаус Велеc

Во пријатната летна атмосфера во дворот на Јуроп Хаус во Велес, се одржа првата работилница од новиот серијал на настани под наслов „Креативни дружби“. Настанот обедини љубители на уметноста, креативци и млади ентузијасти кои имаа можност да ги изразат своите уметнички вештини низ несекојдневно дружење и сликање на шолчиња.

Работилницата се одвиваше во духот на креативна размена и инспиративна соработка, каде учесниците не само што создадоа уникатни рачно насликани шолчиња, туку и споделија идеи, насмевки и позитивна енергија.
-Целта на овој серијал е да го поттикнеме младинското учество преку креативни и инклузивни активности, во средина која инспирира соработка и самореализација, изјави младинскиот работник Ивана Јордева.

Голем број учесници изразија задоволство од организацијата и содржината на настанот, велејќи дека токму ваквите настани се потребни за поддршка на локалната креативна сцена и градење на чувство на заедништво меѓу младите.

Организаторите најавуваат дека следните изданија ќе вклучуваат разновидни уметнички форми и нови изненадувања, со отворена покана до сите љубопитни креативци како од Велес така и од другите градови.
Стефани Манева
