Кумството на „Бадниковата вечер“ во Велес останува кај жителките на месноста „Којник“, кумата Цветанка Мирчева и го предаде кумството на Маре Андова (видео и фото)
Триесетта „Бадникова вечер“, организирана од Организација на жени на Општина Велес, освен што беше јубилејна исто така ќе остане забележана и по спецификата на вечерта поточно на кумството коешто останува на месноста Којник, како еден од најпознатите делови на градот Велес. Тоа е така затоашто во поделеното парче од Бадникова погача, што годинава ја подготви којничанката Цветанка Мирчева, кума на „Бадникова вечер 2025“, паричката и се падна или ја пронајде исто така којничанката Маре Андова. Таа ќе биде кума на оваа манифестација вгодина. Којничани втора година по ред се најсреќни затоашто паричката не заминува туку останува во оваа месност на градот.
Двете куми на традиционалната Бадникова вечер беа дојдени со пријателки кои со добивањето на почеста кума, се сметаат за припаднички на „Кумовата тајфа“.
Кумата Цветанка Мирчева официјално и го предаде кумството на кумата Маре Андова.
По предавањето на кумството на Бадниковата вечер се одиграа и ора на најпознатите велешки народни песни „На Којник дуќан да имам“ и „Што ми е мило ем драго сејмен да шетам низ Бузаана“.
На поделбата на Бадниковата погача и претходеше традиционалниот верски обред со којшто раководеше Отец Јани од Епархија Повардарска.
Оваа манифестација е бренд во Велес на Организација на жени. Ја востанови нејзината претседателка Мирјана Трајкова на која годинава околу организацијата и помагаше и вештата жена, велешанката Цеца Србова. Дума.мк ја прашаше Трајкова за причините кои ја поттикнаа да организира ваква манифестација што трае три децении додека кумата Цветанка Мирчева кои се обврските и како е да си почестена со кумство.
На годинешната јубилејна, 30-та „Бадникова вечер“ во Велес присутни беа нешто повеќе од 200 жени. Бидејќи од година во година се зголемува интересот за присуство очекувањата се дека во 2026-та на манифестацијата можат да учествуваат максимум уште толку.
Бројката мора да се лимитира на 400 до 500 бидејќи нема ресторанска сала во градот којашто може да прими повеќе гости.
Убавка Јаневска