Локални новинари и медиумски работници со поддршка на ССНМ подготвија Манифест за подобрување на условите за работа (видео и фото)
Локалното новинарство се соочува со сериозни предизвици. Се затвораат локални Телевизии и гаснат Радио станици. Новинари и медиумски работници остануваат без работа. Цели региони во државата немаат медиуми коишто произведуваат локални вести од јавен интерес. Граѓаните не се информирани за значајни теми на животот во локалните заедници. Во градовите, во внатрешноста на државата, каде сеуште има и работат новинари и медиумски работници тие се соочуваат со суштествени предизвици какви што се обезбедување на плата, простор, техничка опрема и плаќање на комунални давачки.
За сите овие предизвици зборуваа на дводневната работилница „Улогата на новинарите од локалните заедници и подобрување на нивните услови за работа“ во Велес организирана од Самостојниот синдикат на новинари на Македонија. Проектниот координатор Дарко Дуридански рече дека проблемите се подолгорочни но во последните години е далеку по влошена.
Загрижувачка е состојбата на локалните новинари и медиумски работници, смета Здравко Савевски од Институт за општествени и хуманистички науки во Скопје. Тоа е прашање што ја загрозува и демократијата.
За криза во локалниот медиумски простор и исчезнување на локалните медиуми, дваесет новинари и медиумски работници од сите плански региони во Македонија разговараа со проектниот координатор на ССНМ, Перо Момировски. Нивните сведоштва за справувањето со предизвиците во кои исто така се најдоа и притисоците од политички и бизнис центри на моќ како и од брзите промени во медиумскиот сектор заедно ги преточија во Манифест на локални новинари и медиумски работници за подобрување на условите за работа.
Манифестот, со поддршка на Самостојниот синдикат на новинари на Македонија, за десеттина дена јавно ќе го промовираат за потоа да го предадат на локалните и централните власти и да започнат преговори за подобрување на нивната положба.
Убавка Јаневска