Концесионерот задоцни а жителите на Лозово останаа без аптека!
Заинтересираниот концесионер за отворање аптека во Лозово го испуштил рокот на пријавување. Ова го соопшти денеска министерот за здравство, Никола Тодоров, на доделувањето на 28 лиценци за отворање аптеки во рурални области во државата.
Граѓаните на општината останаа без долго бараната аптека. Ја бараат одамна, од јули, минатата година, кога поради нерентабилност газдата се откажа од концесијата и ја затвори единствената аптека во Лозово од која лекови купуваа околу 3 илјади жители.
„Од тогаш поминаа три месеци и сега најверојатно ќе минат уште неколку во кои аптека во Лозово не ќе може да се отвори. А нас таа ни треба оти сме возрасни луѓе и животот го живееме со лекарства,“ рече Благој.
“Уште потешко е за децата. Да не правиме муабет ако лек затреба ноќе, тешко на родителите. Дај боже побргу да се отвори, да се најде сопственик кој ќе ни отвори аптека,“ рече Киро.
Пред три месеци, постарите граѓани на Лозово, се пожалија дека имаат сериозни проблеми. Од нив најблиската аптека е оддалечена 22 километри, во Велес. Алтернатива за купување на лекови им се аптеките во Свети Николе.
Граѓаните на Лозово рекоа дека им е тешко да набавуваат лекарства од овие два градови бидејки се малтретираат и дополнително се изложуваат на трошок.Тоа е така ако лековите им ги препише матичниот лекар а кога тоа ќе го стори специјалист од велешката болница тогаш мораат да се вратат во Лозово по рецепт па повторно да дојдат во Велес за да си ги купат таблетите.Затоа побараа побрзо решение на проблемот./Б.Н