Земјоделците бројат штети поради сушата на Овче полските ниви
Стотици хектари останаа жедни поради недоволно вода во системот за наводнување. Димитар Стојанов од селото Дорфулија веќе има штети на 17 декари лозје.
– Ми се плаче, изгоре грозјето во средишниот дел од лозјето, онаму каде што најмалку стигнува вода од цевките за наводнување. Веќе имам штета од 5 тони грозје, рече Стојанов.
Но, неговата судбина ја дела многумина земјоделци кои освен лозје, работат и тутун и бостан. Се жалат дека цело лето се снаоѓаат кој како знае и умее.
– Носиме вода со цистерни од дома до нивите, но тоа е премалку исто како да не си наводнувал. Оние кои имаат цистерни и полесно се снаоѓаат, а ние правиме дополнителни трошоци за да изнајмиме цистерна до која тешко може да се дојде, рече земјоделецот Дејан Петров.
Како главни виновници ги посочуваат претпријатието Брегалница и Светиниколската водна заедница за кои велат дека непропорционално испуштаат вода до корисниците иако тие плаќаат исто како и земјоделците кои цело лето имаат вода за наводнување..
– Свети Николе е регион кој важи дека најредовно ги подмирува сметките за вода за наводнување до претпријатијата, а вода не добива. Што ќе ни е вода да имаме во зимо, кога ние лете работиме и ни треба кога е суша, а не во зима, рече земјоделецот Стојан Наунов.
Директорот на водната заедница во Свети Николе, Ванчо Пешевски само што слушна за што го бараме не упати во претпријатието Брегалница и го исклучи телефонот. Директорот на Брегалница пак Зоран Белчев вели дека вода доволно се пушта, но поради лошата распределба и несовесното трошење не стигнува до сите ниви. Водостопанство Брегалница секој ден пушта 3,5 до 4 кубици вода во секунда за потребите на земјоделците од Овче поле. Земјоделците пак ја повикаа државата да го провери работењето на нејзините претпријатија.
– Ние ги известивме сите надлежни за нашиот проблем, ја известивме и полицијата дека утре ќе го блокираме регионалниот пат Велес – Лозово од десет до единаесет часот, за да ги натераме институциите да го решат нашиот проблем, рече земјоделецот Ѓорѓи Атанасовски.
Овче Поле се наводнува од eзерото Калиманци и е најоддалечениот регион што е една од главните причини поради која вода не стигнува до нивите. Според раководството на Брегалница рестрикции има од понеделникот во неколку делови за да може да дотече вода до крајните Oвчеполски ниви./Б.Н.