Во овчеполието ништо не укажува на инвестиција од „Сахара груп“
Санде Стојанов од селото Каратманово, е еден од ретките во овчеполскиот регион кој може да се пофали дека е вработен во фирмата на индискиот бизнисмен Субрата Рој. Веднаш по објавувањето на трогателната сторија за сиромаштијата во која живее неговото многудетно семејство, тој со фирмата потпишал шестмесечен договор за привремено вработување. Но на работа не оди, а зема плата од околу 150 евра.
– Плата ми пуштаат од први до петти, договорот ми е до март, па да се надеваме дека ќе се продолжи. Еве рекоа дека ќе носта трактори, земјата е изорана, не знам зошто не е посеана, но мислам дека ќе се работи, рече Санде Стојанов од Каратманово.
Но оптимизмот на Санде како да останал само во четирите ѕида во неговата трошна куќарка. Жителите на Каратманово ги мачат секојдневни проблеми, квалитетот на водата, откупот на тутунот, сиромаштијата. Поминувајќи го времето во локалната продавница коментираат дека со недоверба ги слушаат најавите на индијците дека земјоделскиот регион повторно ќе заживее.
– Најавија Субрата Рој ќе дојде и фирма добра ставија Сахара, ама ни Рој ни ништо, Сахара тука пустина стана. Земаа некои свои луѓе до владата што се, изораа, им платија и се така остана. Од тоа ништо не бива. Најавија 20 илјади крави, за тоа треба 20 илјади хектари детелина, а ние тука немаме ни 5 илјади, тоа е само лук и вода, само некој се збогатува со ова, рече жител на Каратманово.
Наслушнале дека близу нивното село ќе се градат шталите за 20 илјади крави, и дека со помош на системот кој веќе постои ќе се наводнува сточната храна. Но иако помина повеќе од половина година, од индијците велат ни трага ни глас. За вработени луѓе не слушнале, а велат ниту штали се градат ниту каналите се чистат.
– Кого лажат, ние сме тука очевидци, имаше најави дека баш во нашево село ќе се изгради штала. Ама ова е само владата да пере пари и тие покрај неа што се, ни крави има ни трактори има. Системот ни се чисти ни па вода има, во лето десет дена нема два има и толку, каналот е паднат, не е исчистен, велат жители.
Во јули минатата година Сахара потпиша договор со министерството за земјоделство дека за 18 месеци ќе инвестира 60 милиони евра, ќе вработи 900 луѓе, ќе донесе 8 000 крави и на илјадниците хектари земја која ја добија под закуп ќе поизведат доволно сточна храна. Од министерството за земјоделие велат дека ако не се исполнат условите во договорот ќе се активира банкарска гаранција и ќе се раскине. Од маркетинг агенцијата на „Сахара груп“ најавија но не испратија соопштение за тековните работи.
Иако индиецот Субрата Рој не смее ја напушти неговата земја, бидејќи не вратил 4,4 милијарди долари на 2 милиони граѓани, од Агенцијата велат дека следната недела ќе дојде преставник од фирмата и ќе даде изјава. На реализацијата на планот на „Сахара груп“ чека и Санде, кому деновиве му се роди Јована, шестото дете во семејството Стојанови./Б.Н