Среќа ја спаси бремената струмичанка Јасмина, единствената патничка во автобусот, која не е повредена во сообраќајката кај Сарамзалино
Струмичанката Јасмина е најсреќната патничка од сите во автобусот кој денеска настрада во сообраќајната несреќа на железничката пруга Велес – Штип, кај селото Сарамзалино. Дваесет и осум годишната жена во шести месец на бременост не е повредена а проблеми нема ниту со нејзиното неродено бебе. Јасмина се чувствува добро, стабилизирана е по стресот и сепак ќе остане на гинеколошкото одделение во болницата за да се следи нејзината здравствена состојба во наредните дваесет и четири часа.
„ Јасмина не е витално загрозена а не е загрозена ниту нејзината бременост. На ултразвучниот апарат снимките покажаа дека бебето е живо и нема знаци за одлепување на постелката. Се надевам дека таквата состојба ке продолжи и дека веќе утре бремената жена ќе ја пуштиме на домашно лекување,“ рече гинекологот д-р Атанас Василев. Тој е директор на велешката болница во која беа згрижени и им беше дадена неопходна лекарска помош на шеснаесет патници од струмичкиот автобус, настрадани во сообраќајната несреќа.
„ Од нив тројца со сериозни повреди транспортиравме во Ургентниот центар во Скопје. Уште еден пациент дополнително сега ке го транспортираме бидејки му се влоши клиничката слика додека останатите се во добра здравствена состојба, ги следиме постојано. Тројца пациенти се пратени на домашно лекување,“ рече д-р Василев.
Пациентите ги посетија министрите за здравство Никола Тодоров и за транспорт и врски Миле Јанакиевски. Додека траеше нивната посета во болницата во Велес, во еден кош стоеја сопругата со децата на Васе Пеливанов, настрадан патник од струмичкото село Куклиш. Тие сеуште беа во шок и стравуваа за животот на сопругот и својот татко.
„ Незнам што да ви кажам. Го видов со свои очи но не можам да се смирам. Мене ништо не ми кажа како му е дали е подобар. Потоа дојдоа инспекторите од полиција и тие разговараа со Васе. Пред разговорот тој ми рече да излезам од собата. Поид стрес сум и сеуште не можам да се совземам,“ рече Валентина Пеливанова.
Од болницата во Велес уверуваат дека будно ќе се следи состојбата на деветмината пациенти, кои денеска беа патници во автобусот и по несреќата се згрижени на хирушкото и одделението за гинекологија./Д.С