Невремето ги столчи земјоделските култури во Овче Поле
Земјоделците од селото Дорфулија денеска ги евидентираа штетите на повеќе од 500 хектари ниви и лозја. Се чудеа што сега ќе прават бидејќи очекувале род од кои ќе ги прехранат семејствата.
„Тутунот ми е најмногу оштетен, ама и лозјето и кромидот. Не знам што ќе правам ова се речиси сто проценти уништени култури, а од лозјето ниту една ластегарка не ќе можам да извадам ниту за догодина. Ова лозје нема да се работи и е уништено за две гониди“,рече Исмаил Абдиев, земјоделец од Дорфулија.
„Вакво невреме одамна не сме виделе, се споија небото и земјата а градот голем колку орев ги сотре културите. Имам девет хектари лозје и ништо не остана од него, не знам од што ќе живеам уште ова ни фалеше“, рече Орданчо Вучковски, земјоделец од Дорфулија.
Овие земјоделци годинава не го предадоа тутунот, не им е исплатено грозјето, а државата најголемиот дел од земјата ја даде на индискиот бизнисмен Субрата Рој. Тие не очекуваат помош,бидејќи на нивните повици за огромните штети денеска никој не се одзвал.
„Еве другарчево го викна градоначалникот ама фала му што дојде, нека му служи на чест.Ќе бара и трет мандат ќе дојде да му го дадеме, ама ќе видиме за тоа“, рече земјоделец.
„Не бре никој не дошол, а и кој да дојде. Нека дојде премиерот Никола Груевски јас и тој на ТВ дуел, да му кажам 69 години живеам тука сега ни донесоа арамии тука им ја дадоа земјата. Ова Господ не казнува поради нив. Не очекувам помош никој не ќе ти помогне освен овие две раце, вакви се од работа, а не од пенкало“, рече земјоделец./Б.Н