Земјоделците од Дорфулија го прашаа Коњановски зошто во понеделникот не испукаа градобијните ракети во Овче Поле?
Зошто во понеделникот попладне не профункционира градобијниот систем во Овче Поле туку дозволи невремето да ни ги столчи нивите со тутун, жито, градинарски култури и лозјата, го прашаа денеска земјоделците од селото Дорфулија заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тие од Зоран Коњановски побараа помош и за неисплатеното грозје од винарската визба „Аневски“. Меѓу нив беше и тутунопроизводителот Орце Николовски на чии пет декари денеска нема здрав корен на тутун.
„ За дваесет минути, во понеделникот попладнето, градот столчи се што имав засадено на нивите и ја однесе дури и земјата. Не само нивите туку и расаденикот е уништен и незнам што да правам од каде да најдам нов расад. Од тие ниви живеам. Добив илјада евра субвенции ама ке останам без две илјади евра од родот. Моето шестчлено семејство живее од тутунот. Ние друго не садиме и со три илјади евра живееме цела година бидејки никој не е вработен,“ рече Николовски.
Заменик министерот Коњановски рече дека единствена причина што не биле испукани градобијните ракети бил прелетот на авиони што токму тогаш летале над Овче Поле.
„Испукувањето на ракетите требало да се случи токму во тие дваесеттина минути.Потоа немало да има никаква цел но, токму во тој момент не била дадена дозвола од контролата на летање на аеродромот. Во право се земјоделците кога зборуваат за неисплатениот род од страна на винариите. Затоа деновиве ние поради поплаки на лозарите од регистерот избришавме шест винарии. Но, тоа не е утеха за лозаропроизводителите кои си ги бараат парите. Ја користам оваа прилика и ги повикувам сопствениците на винарии како што им го собраа родот така на земјоделците да им ги исплатат парите. Ако земјоделецот нема пари да си го осигура родот тогаш и винаријата ќе остане без грозје,“ рече Коњановски.
Тој беше и на нивите погодени од градот околу селото Дурфулија. На дел од нив родот е целосно уништен а на останатите делумно. Од општина Лозово соопштија дека формирале две комисии и вршат проценка на штетите. Ќе подготват елаборати и ќе ги испратат до владината комисија која ќе одлучи ќе има ли и колкав ќе биде надоместот на штетата за земјоделците од Дорфулија.
Заменик министерот за земјоделство, Коњановски ги поттикнуваше земјоделците да ги осигураат нивите и да ги користат сретствата од владината мерка за поддршка на премии за осигурување во земјоделството. Таа на земјоделците им нуди можност да платат само 40 отсто од осигурувањето додека остатокот, од 60 отсто, го плаќа Владата. Последниве години пари од оваа програма користеле по 1300 земјоделци на годишно ниво. Најголем дел од земјоделците рекоа дека за нив и тие 40 отсто се многу пари./Д.С
