Се пробива трасата на патот Велес – Кадрифаково
На две големи градилишта, веднаш после велешката градска депонија за смет и пред влезот во Лозово, се пробива трасата на патот од Велес до селото Лозово. Таа делница од патот е долга 9 километри. Градилиштата се дел од трасата на новиот пат што паралелно ќе се гради покрај постоечкиот кон Штип. Делницата комплетно се реконструира и рехабилитира и се врши проширување од досегашната широчина од 6,4 на 11, 1 метри. Патот, во двата правци, ќе добие по две коловозни ленти првата широка 3,25 м, втората 2 м и една работна лента од 30 см. Се ублажуваат свиоците на патот и се отстрануваат црните точки.
„ Реконструкцијата тече според утврдената динамика и се прават напори додека е во ек градежната сезона да се завршат најголем дел од предвидените работи. Патот да биде пробиен во сета негова широчина, да се елиминираат црните точки, да се ублажат свиоците и да се зголеми безбедноста на сообраќајот . Сега се отстрануваат 12 црни точки, на патот кој досега беше исклучително не безбеден, а се возеше со дозволена брзина од 60 км/час. По реконструкцијата патот ќе стане брза магистрала, безбедна и по неа ќе се вози со дозволена брзина од 90 км/час,“ рече директорот на ЈП за државни патишта Љупчо Ѓоргиевски.
Тој соопшти дека подигнатата безбедност на новиот пат ќе биде максимална наспроти сегашната која според податоците на МВР е загрижувачка ако се земе во предвид дека во 2013 година се случиле 220 сообраќајни несреќи и голем дел од нив се со смртни последици по патниците. Ѓоргиевски соопшти дека за еден месец ќе почнат градежните работи и на третата фаза од изградбата на патот, од Лозово преку Сарамзалино до штипско Кардифаково. Јавното претпријатие веќе потпишало договор за работа со скопски Гранит.
„ И тој дел на патот ќе треба да биде изграден за осумнаесет месеци од почетокот на градежните работи,“ рече Ѓоргиевски.
Вкупната инвестиција за реконструкција и изградба на патот Велес – Кадрифаково изнесува 14,67 милиони евра што државата ги обезбеди како кредит од Европската банка за обнова и развој. Патот што се поправа и изградбата на новиот е на вкупно 24 километри. Очекувањата се дека во 2015 година ќе биде предаден во употреба./Д.С