Се гради третата делница на патот Велес – Кадрифаково
Започнаа градежните работи и на третата делница од патот Велес – Кадрифаково. Градежната оператива почна да работи на изградба на две нови и на исправање на постоечките две стари коловозни ленти на делницата помеѓу Лозово преку Сарамзалино до Кадрифаково. Така и третата делница долга 11 километри ќе се проширува од 6,5 на 11 метри, од неа ќе се отстрануваат црните точки и ќе се подигнува безбедноста на сообраќајот. Наместо сегашните 40 км/час по новиот пат ќе се вози и до 100 км/час.
„Само во изградбата на овие 11 километри ќе се вложат 7,5 милиони евра. Таа е многу значајна за развојот на источна Македонија. Паралелно со овој се гради и патот од Скопје до Штип,’ рече министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Откако целосно е завршен делот од патот до велешката Депонија, во моментов завршуваат земјените работи на втората делница од велешката Депонија до Лозово. Таму веќе се поставува асфалт на коловозот. Целосната изградба на оваа брза магистрала во државата се очекува на крајот од 2015 година. За неа се обезбедени 15 милиони евра, преку заем од Европската банка за обнова и развој. И не е единствен проект со кој се подобрува патната мрежа во државата рече директорот на Јавното претпријатие за државни патишта.
„Во моментов во државата се градат 55 километри патишта во вкупна инвестиција од 30 милиони евра. Нивната изградба треба да заврши во 2015 година. Од 2010 година кога започна изградбата или поправката на локалните патишта до денеска во Македонија се завршени над 680 километри патна мрежа во вредност од над 55 милиони евра,“ рече Љупчо Ѓоргиевски.
Министерот Јанакиевски денеска најави неколку проекти за изградба на патишта во источна Македонија кои ќе треба да започнат в година./Д.С
