Раскинат договорот на Субрата Рој и ЗК „Џумајлија“
Активирана е банкарската гаранција од околу три милиони евра на индиската компанија „Сахара груп“. Вака Македонија ја почна постапката за раскинување на договорот со индиската компанија за комбинатот „Џумајлија“. Гаранцијата е активирана во банката „Сосиете женерал“, рече денеска портпаролот на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Соња Трајкова.
„ Министерството стриктно ќе се држи до одредбите од договорот и тоа беше посочено на неколку состаноци пред активирање на банкараската гаранција. Со ваквата постапка се штити интересот на државата.“
Според договорот потпишан лани, во јули „Сахара груп“ требаше да плаќа годишен закуп од 121 илјада евра за 5.353 хектари земјоделско земјиште. Тогаш странскиот инвеститор се обврза во првите 18 месеци да набави најмалку 8.000 грла крави, да вработи 900 лица и да инвестира најмалку 60 милиони евра. Уште тогаш се знаеше дека ако не исполни дел од обврските, ќе биде активирана банкарската гаранција од 5 отсто од планираните инвестиции за првата 1,5 година, односно 3 милиони евра.
Договорот детално предвидуваше обврски за период од три години. По првичната инвестиција, требаше да се вложат уште 70 милиони евра до истекот на 27 месеци и уште толку до истекот на 36 месеци. Со тоа вкупната инвестиција во комбинатот од Лозово требаше да изнесува 200 милиони евра.
Предвидено беше и за три години бројот на вработените да достигне 2.000, а комбинатот требаше да има 20.000 грла крави и дневно производство на млеко од 80.000 литри. Производството на добиточна храна до крајот на третата година требаше да достигне 75.000 тони годишно.
Исто така „Сахара груп“ преку инвестирање требаше да обезбеди инфраструктура за извршување земјоделски работи, машини, изградба на модерна фарма со современ систем на молзење и на најсовремена млекарница за производство на млеко и млечни производи наменети за домашниот но и за странски пазари./Д.С