Втор круг на гласање за Градоначалник во Чашка и Градско, во Лозово победи кандидатот на СДСМ Ацо Велковски
Исто како и велешани така и граѓаните на Општина Лозово избраа Градоначалник и Совет на Општината во првиот круг на шестите локални избори во Македонија. Нов градоначалник е кандидатот на коалицијата предводена од СДСМ, Ацо Велковски.
Тој, во неделата на 15 октомври, во првиот круг освои 55,18% од гласовите на граѓаните кои излегоа и гласаа. Точно за него гласале 910 избирачи од вкупно 1.649 граѓани кои го искористиле граѓанското право на избор на деветте избирачки места во општината. Таму мнозинството во Советот на општината го има Листата на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ која освои 600 гласа или 36,39% а втора е коалицијата предводена од СДСМ со 503 гласа или 30,50% од гласовите на избирачите. Во оваа Општина има 120 неважечки ливчиња за Градоначалник и 170 неважечки ливчиња за Советот.
Во Општина Градско ќе има втор круг за избор на Градоначалник додека мнозинството во Советот на Општината го доби Листата со кандидати предводена од коалицијата на СДСМ. Во неделата во првот круг кандидатот на коалицијата предводена од СДСМ, Роберт Бешовски освојувајќи 930 гласови или 42 % води пред кандидатката на коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ Жанета Чаушевска која освои 780 гласови или 35,23% . Листата за советници на СДСМ во оваа општина освои 898 гласа или 40,56%, додека листата со кандидати на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ која освои 781 глас поточно 35,28% . ОИК на Градско регистрирала 125 неважечки ливчиња.
Прегласување или втор круг на избори за Гадоначалник ќе има и во Општина Чашка откако во првиот круг води кандидатот на коалицијата предводена од СДСМ Горан Стојановски со освоени 49,29 % поточно 1.970 гласа или 20 гласа помалку за да победи во прв круг. На 29 октомври во оваа општина ќе има дуел на двајца „горановци“ откако актулениот градоначалник Горан Пановски, сега кандидиран од Народното движење за Македонија, во првиот круг освои 970 гласа или 24,27% со што обезбеди учество во вториот круг на шестите локални избори. ОИК Чашка, во неделата на 15 октомври, евидентирала 126 неважечки ливчиња за Градоначалник и 251 неважечки ливчиња за составот на Советот.
Инаку мнозинството во Советот на општината ќе го предводи коалицијата предводена од СДСМ која освои 1.374 гласа или 34,38% пред коалиција на ВМРО-ДПМНЕ со 1.124 гласа – 28,12%.