Министерот Николовски: Окрупнување на државната обработлива земја,распределба и откуп од страна на земјоделците кои имаат оранжериско производство
Земјоделците во регионот на Овче Поле од денеска ќе можат да се јават на огласот за закуп на државно обработливо земјиште што денеска го распиша Министерството за земјоделство. Државата на располагање стави вкупно 910 хектари што се наоѓаат на различни блокови кои претходно биле дел од АК „Џумајлија“. Министерството планира на заинтересираните земјоделците да им даде можност да закупат до и над 3 хектари обработлива површина на територијата на општина Лозово.
– Македонија има вредни земјоделци и плодна земја. Лоциравме над 11 илјади хектари слободна земјоделска површина, оформена во блокови и целосно исчистена што во наредните неколку месеци низ владина постапка исто така ќе бидат објавени преку огласи до и над 3 хектари. Мотивиравме странски инвеститори заинтересирани за изградба на нови производствени капацитети за зголемување на вкупното земјоделско производство и за инвестиции токму во агросекторот, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Огласот е објавен и ќе трае шеесет дена за потоа на обработливата земја да се организира првото земјоделско производство. Пратениците на утрешната седница во Собранието ќе треба да расправаат за измените на Законот за консолидација на земјоделското земјиште од кои се очекува окрупнување на обработливите државни површини и поедноставни постапки за добивање на земја од страна на земјоделските производители.
– Годинава започнуваме постапки за окрупнување на 17 илјади и 400 парцели на 4 илјади и петстотини хектари или 12 консолидациони подрачја на кои ќе се окрупнува државната земја што ќе донесе зголемување на приносот и модерно развиено земјоделско производство, додаде Николовски.
Наскоро на јавен повик исто така земјоделците ќе можат да се пријавуваат и за откуп на државна обработлива земја на која има оранжериско производство. Законски измени се направени и изгласани од Владата. Постапката ќе се води транспарентно и одговорно за да може да даде резултати и во зголемувањето на искористеноста на ИПАРД фондовите како еден од начините земјата да дојде во рацете на вистинските земјоделци. /У.Ј