Кавадаречка „Алијанса“ не го почитува договорот за откуп на тутун, обвинија тутунарите од Лозово!
Се собраа денеска тутунарите пред откупниот центар на Алијанса во селото Лозово за да го искажат револтот. Со десеттици тони тутун од рано утрото стоеја пред влезната врата. Балите ги донеле откако фирмата ги повикала токму денеска да ги предадат. Штом стигнале на ред им рекле дека откупот завршил а тутунот да си го вратат дома.
„Цела ноќ сме тука од два саатот ноќеска смрзнавме и прегладневме ни леб ни вода. Ни викаат или оставете го тука тутунот па ќе видиме кога ќе го земеме или носете го дома па утре дојдете. А, ние од Милино сме многу пари е да го шетаме тутунот“, рече тутунар од Лозово.
Присуството на новинарите ги вознемири проценителите на овој откупен пункт. Не одговараа на новинарските прашања оти биле на ручек пауза. Попусти беа убедувањата на тутунарите да ја земат и нивната донесена количина. Откупот не продолжи. Тоа ги разгневи тутунарите кои веќе не веруваат дека ќе им го откупат родот.
„Нема друго чаре ќе го носиме дома ама не го предавам. Утре не можам да идам на работа сум не можам јас секој ден да го губам тука. А и за педесет денари од килограм ќе ми го земаат после ова, а мене не ми се дава за толку, поарно нека скапе дома ама не го предавам“, вели тутунар.
Откупувачите не одговорија зошто не го откупуваат преостанатиот тутун. Испратија порака до тутунарите да дојдат и утре. Тогаш на листата за откуп на ред се други села. Затоа бараат помош од инспекциите од кои очекуваат да воведат ред на овој откупен пункт и да ги натераат проценителите да им ги испочитуваат потпишаните договори./Б.Н