Овчеполци прашуваат зошто не се ораат и сеат нивите што ги доби Субрата Рој
Жителите во Овче Поле се сомневаат дека индиска „Сахара груп“ ќе го оживее регионот. Тие денеска раскажуваа како само неколку парцели од државната земја биле изорани додека на останатата површина не се одвивале земјоделски работи.
– Го прекинаа орањето и не се зборува за сеидба. Изорана е минимална површина, рече жител на Лозово.
Санде Стојановски петнаесет години работел како агроном во комбинатот Џумајлија. И за него е чудно што до сега не заврши орањето на нивите и што на нив не се сее. Стојановски вели дека сушата дополнително создава проблеми иако роковите за сеидба се завршени.
– Истече времето за сеење на пченица и јачмен. Годинава во прилог не одат ниту временските услови и затоа се сомневам дека ќе има сеидба и дека нешто ќе се роди. Штета ќе направат и инсектите кои ќе го разнесат семето, рече Стојановски.
Така не мислат од агенцијата за односи со јавност ангажирана од „Сахара груп“. Оттаму велат дека компанијата работи по програма. Во првата фаза изорани биле ниви на површина од 780 хектари. Се придржувале кон договорот со министерството за земјоделство, од каде на „Сахара груп“ и биле доделени 5 300 хектари земја, на која втората фаза на орање ќе почнела наскоро./Б.Н