Македонскиот стрип преставен во Хрватска, го промовираа Трајков од Велес и Стеванов од Штип
Објавено: 20 април, 2026, во 11:13 часот
Промотерите Томе Трајков од Велес и Александар Стеванов од Штип–стрип ја претставуваа Македонија на стрип фестивалот „Цртани Романи Шоу (CRS)“ во Загреб , во Хрватска кој што се одржа од 17 до 19 април во Академијата на ликовни уметности .

Според Трајков , оваа работна посета е логичен континуитет на неговата меѓународна стрип активност.
-Фестивалот на којшто учествувавме е еден со најголема традиција и рејтинг во регионот. Тој спаѓа во редот на Комикони поточно големи стрип фестивали кои што се масовно посетени од публика, имаат солидно ниво и број на гости, видни имиња од светската стрип сцена што ја сочинуваа претставници на државите како што се Италија , Босна и Херцеговина, Хрватска, Ирска , Германија, САД и Франција. Присуството на нивни претставници беше доволен повод помеѓу публиката да има и бројни придружни манифестации како што се изложби, панел промоции , саем на стрипови со штандови, школи – работилници за цртање, косплеј-маскирање во супер херои, квизови, музички концерти и слично, рече Трајков.

Тој заедно со хроничарот Александар Стеванов како соработник, одржаа панел промоција на тема „Македонскиот стрип има минато, сегашност и иднина!“

Исто така, освен редовните обврски при присуството на овој фестивал ,престојот беше искорисен и за стекнување на организациони искуства коишто ќе се применат во Македонија.
Убавка Јаневска



