Маратон „11-ти Октомври“ повторно во Лозово – Атлетска традиција што обединува
Објавено: 10 септември, 2025, во 10:54 часот
Лозово и оваа година ќе биде домаќин на една од најзначајните спортски манифестации во државата. По четврти пат, по повод празникот 11-ти Октомври – Денот на народното востание, Општина Лозово организира атлетска трка под името Маратон „11-ти Октомври“ – Лозово 2025, кој ќе се одржи во сабота, точно на денот.
-Чест и задоволство ни е да ве поканиме да трчате во Централното подрачје на Република Македонија и заедно да го одбележиме овој значаен историски ден преку спорт, пријателство и здрава конкуренција, истакна градоначалникот на Општина Лозово, Бошко Цветковски.
Спортскиот настан ќе опфати четири трки според возрасни категории, со главна трка на 15.000 метри која започнува во 10:00 часот. Потоа следуваат трките на 100, 200 и 400 метри за децата и младите од 7 до 18 години.
-Најдобрите тркачи во трката на 15 км ќе бидат наградени со парични награди во машка и женска категорија – од 12.000 до 6.000 денари, медали, пофалници и пехари. За првите 100 финишери се предвидени финишерски медали и маички, објаснува градоначалникот Цветковски.
Трката започнува и завршува на улицата „Маршал Тито“ пред Поштата во Лозово. Кружната патека долга 15 километри минува низ селата Милино, Каратманово и Дорфулија, а потоа се враќа во Лозово. Трасата вклучува комбинација од асфалтирани и земјени патишта, со освежителни станици поставени на неколку точки долж рутата.
Од Општина Лозово истакнуваат дека секој учесник трката ја започнува на сопствена одговорност, при што е важно учесниците да се физички и психички подготвени да ја завршат трката. Поради безбедносни причини, се препорачува да не се користат слушалки за време на трчањето.
-На маратонот не е дозволено придружување од лица на велосипеди или други превозни средства. Почитувањето на овие правила е клучно за безбедноста на сите учесници. Дополнително, организаторот го задржува правото да одбие учество на тркачи со облека или пораки кои шират национална, верска или друга форма на нетрпеливост. Според правилата на IAAF, дозволено е примање освежување само на официјално одбележаните станици, гласат дел од правилата на трката.
Исто така, фотографии, видеа и други материјали од трката ќе може да се користат за промотивни и медиумски цели на организаторот. Со самото пријавување, учесниците ги прифаќаат условите и правилата на натпреварот, потенцираат организаторите.
Учеството е бесплатно, а сите заинтересирани може да се пријават на телефонскиот број 032/458-458 или преку порака на официјалната Facebook страна на организаторот.
Во случај на промени во распоредот или условите, организаторите ќе ги информираат сите учесници преку социјалните мрежи.
Лозово ве очекува на спортско дружење исполнето со енергија, натпреварувачки дух и прослава на слободата.
Стефани Манева


