Марко Ангелов, првиот Ученички правобранител во ООУ„Блаже Конески“

Објавено на 11 октомври, 2021 во 11:42

Од минатата учебна година  ООУ „Блаже Конески“ во Велес има  Ученички правобранител. Освен правобранителот во постапка што училиштето ја спроведе избрани се и негови  заменици. Ги бирале учениците од VII, VIII и IX одделение.  Согласно почитувањето на правата на децата и особено Конвенцијата во ова основно училиште  во градот Ученички правобранител е Марко Ангелов. Тој има 14 години и е ученик во IX 5 одделение.  

Дума.мк, на почетокот на разговорот го праша кои се негови обврски како Ученички правобранител а Марко првично одговори дека станува збор за обврдки кои се однесуваат на  информирање на учениците преку инфо денови, дебати и дискусии за нивните права како и за  обврските коишто тие ги имаат.

– Јас како правобранител гледам дали има прекршување на правата на учениците и доколку има, подготвуваме Приговор и реагираме кај училишната служба. Доколку детските права се прекршени од страна на наставен или не наставен кадар, како директорот или училишната служба, учениците пишуваат Жалба и ја поднесуваат до мене со нивни докази и сведоци. Исто така жалбата може да биде анонимна или да има лични податоци за ученикот. Доколку тоа се случи, ние реализираме посебна процедура со која ја прегледуваме, дополнително истражуваме за случката, утврдуваме  дали е вистината и доколку е, ја решаваме, додаде Ангелов.

Мандатот на Училишниот правобранител трае две години. Марко сподели дека до сега во ООУ „Блаже Конески“ немало ниту еден случај на прекршување на детските права.

-Учениците се добро запознати  дека имаат правобранител на училиште бидејќи јас бев кандидиран минатата учебна година и бев изгласан од страна на училиштето. Секој ученик беше инфориран и секој од нив знае каде треба да се обрати доколку се соочи со проблем или инцидент, додаде Ангелов.

Тој дополнително ги мотивира учениците да го искористат своето право доколку се соочат со проблем во училиштето. Исто така потсети дека кога се зборува на оваа тема треба да се посочат и обврските што ги имаат учениците поточно дека не треба да омаловажуваат соученици, да поттикнуваат омраза, да создаваат неред туку да промовираат другарстава и пријателства, да учат и да се образуваат, да ги почитуваат наставниците кои им даваат знаења, да се грижат за хигиената во училницата, во училиштето, за заштитата на животната средина во и надвор од училиштето и домот како и да ги почитуваат мислењата, ставовите и воспитувањето на родителите и на семејството.

Инаку Марко Ангелов е одличен ученик. Тој има учествувано на повеќе натпревари по математика и информатика. Добитник е на втора награда на регионален натпревар по математика. Исто така, тој е добитник и на трета награда на државно нивно, на натревар по Микробит. Учесник е во различни училишни воншколски активности преку Клуб за кодирање, математичка секција но и драмска секција. Воннаставно учествува и во Новинарска секција која од минатата година го подготви и тековно го одржува Училишниот весник.

Ангелов  обожува и спортот, тој пет години тренира ракомет и воннаставно посетува курсеви по англиски и германски јазик.

Оваа приказна како и приказната „Деца во Велес ги препознаваат своите права и знаат дека имаат и обврски“ се подготвени и со нив Дума.мк дава сопствен придонес во одбележувањето на Неделата на детето. Ученици како Марко, Матеј и Кристијан има и во останатите училишта во градот и во општината. За нив треба да се пишува бидејќи тие сега се примерни и одлични ученици од кои, кога ќе пораснат, се очекува да бидат вредни и одговорни чинители во локалната заедница.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.