Марко Пајиќ: За Фестивалот „Џинот“ и македонската сатира ќе пренесам искуства во Србија“

Српскиот афористичар и сатиричар Марко Пајич од Врњачка Бања беше еден од гостите на Вториот по ред меѓународен фестивал на сатира „Џинот“ што се одржа во Велес. Пајич, кој за првпат гостуваше не само во Велес, туку и во Македонија, вели дека од земјата носи најубави импресии и инспирација за нови творечки предизвици.
-Првпат сум во Македонија и навистина сум воодушевен – и од луѓето, и од гостопримството, и од убавината на градовите. Велес е прекрасен, а просторот каде што се одржува фестивалот, Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, остава силен впечаток. Организацијата беше одлична, а авторите кои настапија се навистина квалитетни, изјави Пајич.
Тој раскажува дека со пишување започнал уште пред неколку години, но од 2019 година активно учествува на конкурси и фестивали, со желба да ја тестира вредноста на своите дела.
-Со текот на времето сфатив дека тоа што го пишувам има квалитет. Почнав да испраќам афоризми и сатирични текстови на конкурси и набргу добив признанија и охрабрување да продолжам, вели авторот.
Пајич додава дека во неговиот роден град Врњачка Бања нема многу сатиричари, но затоа активно соработува со автори од Крушевац поточно со Саша Милетиќ и Братислав Костадинов, како и со Београдскиот афористичарски клуб, кој собира голем број српски творци.
-Ми беше чест да бидам дел од фестивалот во Велес. Секако дека ќе го пренесам ова искуство во Србија, со желба оваа манифестација да расте и да се развива низ годините, додаде Пајич.
Фестивалот на сатира „Џинот“, посветен на големиот просветител, книжевник и сатиричар Јордан Хаџи Константинов – Џинот, се одржа во организација на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ и Градската библиотека „Гоце Делчев“, со поддршка од Општина Велес.
Настанот ги собра најдобрите сатиричари и афористичари од регионот, потврдувајќи ја важноста на хуморот и сатиричната мисла како огледало на општеството.
Стефани Манева


