Матурските забави во полн ек – вечерва слават две велешки училишта, МВР со предупредување

Објавено на 15 мај, 2025 во 13:50

Месец мај е познат по прослави за завршување на средното образование – време кога низ цела држава се одржуваат матурски вечери исполнети со возбуда, емоции и славење. Така е и во Велес каде што веќе започнаа матурските прослави.

Први што ја отворија сезоната на матурски забави беа матурантите од СОУ „Јовче Тесличков“, кои славеа на 13 мај. Вчера вечер, на 14 мај, матурираа учениците од хемиското училиште „Димитрија Чуповски“, а денеска за своите прослави се подготвуваат учениците од СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ и од ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“.

Иако до сега прославите поминаа без инциденти, Министерството за внатрешни работи упати апел до сите матуранти, но и до нивните родители, да покажат одговорност и зрелост во текот на славењето.

МВР потсетува со јасни пораки: На матурска прослава без автомобил, без конзумирање алкохол, без користење наркотични средства и без нарушување на јавниот ред и мир!

-Сообраќајната статистика покажува дека во деновите кога се организираат матурски прослави се зголемува бројот на сообраќајни незгоди. Голем дел од учесниците во сообраќајните несреќи се млади луѓе – матуранти, кои најчесто завршуваат со тешки телесни повреди, а не ретко и го губат својот живот, пишува во соопштението на МВР.

Оттаму додаваат дека одговорноста за девијантното однесување во сообраќајот е кај младите, но и кај родителите и апелираат до нив да не им дозволуваат на своите деца да одат на матурска прослава со автомобил бидејќи грешките во сообраќајот може да бидат фатални.

Матурската вечер е спомен за цел живот – честитки до сите матуранти!

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.