Маж од Чашка измамен за 14.000 евра – измамникот лажно тврдел дека ќерката му направила сообраќајка
Објавено: 18 септември, 2025, во 13:00 часот
Седумдесет и четири годишен маж од Чашка вчера вечер, во Сектор за внатрешни работи Велес пријавил дека бил измамен за голема сума на пари откако бил доведен во заблуда од непознато лице по телефон.
Поточно, како што пишува во билтенот на СВР Велес, лицето му се јавило на телефон и му кажало дека неговата ќерка има направено сообраќајна несреќа и дека треба да плати 14.000 евра за да и биде направена операција.
-Како што е пријавено, откако се договориле, парите ги однел на договореното место, по што ја слушнал ќерка си и сфатил дека бил измамен, објасни Биљана Ѓаковска, портпаролката на СВР Велес.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Според искажување на жители на населба Чашка ова е само еден од најмалку 15 возрасни граѓани во ова населено место коишто вчера добиле телефонски повици во кои дојавители им соопштиле дека нивни синови и ќерки направиле сообраќајни несреќи и за итни операции потребна е уплата од 10.000 евра до 15.000 евра за да се спасат нивни животи. Тоа внело вознемиреност во населбата.
Стефани Манева


