Министерството за транспорт и врски одобри шест проекти за реконструкција на велешки улици
Делови од шест улици во Велес ќе можат да се реконструираат годинава. Министерството за транспорт и врски обезбеди еден милион и 200 илјади евра ,финансиски средства, од проектот за “Поврзување на локaлни патишта во општините”.
Општина Велес на објавениот јавен повик на министерството ги доби проектите за реконструкција на делови од улиците „Живко Фирфов“, „Благој Ѓорев“, „АСНОМ“, „Андон Шурков“, „Лазо Осмаков“ и „Орце Мартинов“.
Општината наесен ќе може да ги започне постапките за реконструкција. На улицата „Орце Мартинов“ со средства на Општина Велес ќе се реконструира и водоводната линија.
Од Министерството за транспорт и врски соопштија дека континуирано работат на реализација на овој проект во сите општини во Република Северна Македонија. Станува збор за проектот со којшто Владата интервенира во подобрување на локалните улици и патишта и којшто е со вкупна вредност од 70 милиони евра. Целта е подобрување на урбаното живење во рамки на општините заради локален економски развој и подобрување на животот на граѓаните.
Од министерството воедно упатија апел, до сите општинте кои до сега не аплицирале, да достават готови проекти поради навремено искористување на средствата предвидени со овој проект.
Убавка Јаневска