Млади Велешани учеа за поддршка на лица со и попречености, за заедничка поголема автономија и независно живеење
Меѓународниот ден на лицата со попреченост се стреми да ја зголеми свеста за придобивките што треба да се извлечат од интеграцијата на лицата со попреченост во секој аспект на живеење како што се политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот.
По повод 3 декември, Меѓународен ден на лица со попречености, вчера вечер, Младински центар Велес во соработка со Center for Youth Activism KRIK / КРИК го организираа настанот под името ,,Патот до независноста”.
Станува збор за проектот на „Крик“ којшто се спроведуваше цели две години и беше посветен на поддршка на младите лица со и без попреченост да постигнат автономија и независно живеење преку неформална едукација.
Младите Велешани ги слушнаа резултатите, кои се дел од проектните активности и коишто им овозможуваат користење на специфични алатки и инклузивни неформални едукативни активности дизајнирани за зајакнување на капацитетите на лицата со и без попреченост поточно сите заедно да постигнат една цел, независно учење на социјални и вештини на живеење.
Потоа поделени во различни групи и со помош на нивните професори младите учесници на настанот работеа на комуникациски вештини со лицата кои имаат различни попречености. Настанот заврши со проекција на краток видео клип со цел запознавање со проблемите и начините преку кои што може да им се помогне.
Организаторите упатија благодарност до сите основни и средни училишта во Општина Велес, кои се вклучија во овој настан којшто се одржа во Европска куќа во Велес.
Стефани Манева