Младите велешани сакаат да гледаат филм на големо платно, општината најави отворање

Наместо во Скопје и во Свети Николе, гледање на филмови на големо платно во Велес, овој проблем го посочија 14 млади велешани во писмото со предлози за тоа што се им недостига за поквалитетен живот во Велес. Младите велешани пишуваа во рамките на проектот на Дума.мк, „На кафе и локум во Страда Кафе“ во Велес.
Дума.мк побара одговор на прашањата на овие наши сограѓани од Општина Велес. По слободен пристап на информации оттаму одговорија дека за краток временски период ќе се проширела дејноста на библиотеката и киното ќе се ставело во функција.
– Општина Велес е во преговори со заинтересиран приватен субјект и во скоро време граѓаните на Велес ќе имаат можност да гледаат филм во кино. Моментално течат преговорите, се разгледуваат можностите од сите правни и економски аспекти и за најскоро време Велес ќе добие современа и модерна кино сала во која ќе се прикажуваат најновите филмски остварувања, пишува во одговорот на Општина Велес.

Од одговорот на општината не може да се конкретизира кога точно ќе започне со работа киното за коешто се набавени опремата и проекциското платно. Тие се поставени во општинската сала „Бели Мугри“ во зградата на градската библиотека „Гоце Делчев“.
Стефани Манева
