Модуларната во дворот на Општа болница Велес засега останува празна но со опција да и се најде намена
Објавено: 8 август, 2025, во 12:58 часот
По две години и три месеци од прогласениот крај на Корона пандемијата објектот Модуларна во дворот на Општа болница Велес е со заклучена влезна врата и обраснат во трева. Зошто просторот не се става во функција ги прашаше Дума.мк заменик министерот за здравство Јовица Андовски и директорот на Фонд за здравство, Сашо Клековски при нивната неодамнешна посета на велешка болница.
Според заменик министерот Андовски потребно било прво расчистување на сопственоста на објектот а потоа и изведување на реконструкција на Модуларна болница.
-За да може да се стави во функција објектот, барем одреден дел, колку што јас сум запознат, еден дел пренесен е на Министерство за одбрана и тоа мора да се разграничи. Мора да се направат и одредени реконструкции затоа што мора да сме свесни дека Модуларните болници не се безбедни значи мора прво да им ја вратиме безбедноста, додаде Андовски.
За директорот на Фондот проблематичноста на овие објекти е во неизвршениот технички прием пред да бидат ставени во функција за време на Корона пандемијата.
-Модуларните болници во сите градови во државата се неискористени. Во Скопје, Клиниката за пулмологија ја користи поради зорт за амбулантски дел. Секако тоа е простор којшто треба да се размислува дали може да се користи за амбуланти, за администрација, за растеретување на главна болничка зграда во Велес, додаде Клековски.
Тој беше дециден дека Фондот ќе даде поддршка доколку Општа болница покаже интерес за ставање во функција на Модуларната болница.
Светската здравствена организација, по препораката на Комитетот за вонредни состојби, на 8 мај 2023 година го прогласи крајот на пандемијата на Корона вирусот во светот.
Убавка Јаневска


