Музеј на современа уметност со изложба „Континуитети“ во Ликовен салон Велес

Објавено на 14 октомври, 2025 во 15:01

Изложбата „Континуитети“ којашто ќе биде отворена, утре вечер, во Ликовен салон Велес составена е од 34 дела поточно избор од графики, скулптури, пастел и темпера, создадени во периодот од 1933 до 1995 година, кои ја прикажуваат тематската и стилска разновидност и виталност на француската уметничка сцена во текот на 20 век.

„Делата припаѓаат на француската колекција на Музеј на современата уметност од Скопје. Тие се избор од вкупно 300 дела, од повеќе од 150 автори, и претставуваат еден од темелните сегменти на меѓународната збирка на музејот. Потеклото на колекцијата е поврзано со катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година, кога по иницијатива на францускиот писател и критичар Жан Касу и преку ангажманот на првиот директор на МСУ, д-р Борис Петковски, бројни француски уметници подариле свои дела на градот како чин на солидарност. Подоцна, со истражувањето и публикацијата на Силвен Лекомбр (2015), оваа збирка доби нова научна и историска рамка што го потврди интернационалниот и солидарен дух на музејот како уникатна институција во европски контекст,“ соопшти Музеј на современа уметност од Скопје.

Во својата суштина, изложбата „Континуитети“ ја слави трајната човечка и уметничка поврзаност што ги обликува нашите заеднички културни сеќавања. Таа ја претставува уметноста како витална мрежа на односи, меѓу уметниците и публиката, меѓу минатото и сегашноста, меѓу локалните и глобалните наративи што и денес ја дефинираат динамиката на современата уметност и светот во којшто живееме денес.

Изложбата ќе ја отвори кустос советник на Народен музеј Велес, Анита Василкова Мидоска утре вечер, среда, 15 октомври, во 19:00 часот.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.