Џаламарите, на Василица, ќе прошетаат низ Неготино !
Тие се дел од обичајот што со векови се негува на православниот празник.
Василичарските обичаи имаат долгогодишна традиција на подрачјето на општина Неготино а нивното негување продолжува секоја година. Годинава настанот насловен како “Василичарски обичаи” ќе заземе централно место во одбележување на овој голем ден за православните христијани.Истиот го организира Националната установа Центар за култура “Ацо Ѓорчев” од Неготино, со поддршка на ентузијасти кои активно ќе бидат вклучени во настанот.
Централната манифестација ќе се одржи денеска напладне на градскиот плоштад во Неготино. Со свои маски ќе се претстават голем број граѓани кои за тоа претходно се пријавија кај организаторот на настанот.
Инаку верувањето вели дека Џаламарите треба да изгледат пострашно за да можат подобро да го избркаат ѓаволот.
Граѓаните во неготинско, утрово, меѓусебе си раздаваа за адет бидејќи веруваат дека така нивите ќе им родат повеќе плодови, добитокот ќе им биде здрав и благодет ќе имаат во домовите, во кои ќе се родат повеќе дечиња.
Сепак Џаламарите се централна фигура на верувањето и традицијата затоа што ќе ги посетат домовите на граѓаните и ќе ги избркаат лошите духови. Тие ќе минат низ улиците, ќе коледувааат а домаќинките ќе ги даруваат со ореви, јаболки, месо, вино и ракија. Се што ќе добијат како дар на коледувањето, утревечер, ќе се најде на нивната трпеза со што и тие ќе го одбележат празникот Василица.