Лозарите во дилема дали да го осигураат родот?
Загрижувачка е бројката на лозари кои одлучиле да не си го заштитат родот ако се знае дека државата за оваа намена субвенционира дури 60 отсто од сумата на полисата.
Тие незаинтересираноста ја праваат со тоа што велат дека сумата од 40 отсто, колку што треба да уплатат за полиса, била скапа и неисплатлива покрај другите трошоци кои ги имаат за производство.
-„Мене лично ми е проблем да си купам полиса за осигурување зашто таа не ги покрива сите штети. Еве на пример ако има град или не дај боже поплава тогаш осигурувањето признава штета но не и ако лозјата и родот ги зафати пожар, мрзнење или пак суша. Тогаш не важат премиите. Значи знам дека ако не го осигурам родот ризикувам но како да го направам тоа кога не знам што ме чека. Кога би имал целосно осигурување за секоја несакана појава, нешто како гаранција да, но, вака не можам да се одлучам“, рече Ванчо Митрев, долгогодишен лозар од Неготино.
Од земјоделските здруженија во Тиквешијата рекоа дека осигурителните компании освен што немаат понуда за комплетно осигурување не е добра ниту постапката според која се утврдуваат штетите.
-„Компаниите кои работат со осигурување не се коректни кон земјоделците зашто кога доаѓа до штета висината ја утврдуваат проценители додека производители немаат никакво право за учество во неа“.
Воведувањето на субвенции за оваа област почна пред 4 години од кога државата започна да ја покрива штетата со 60 % од премијата кај лозови насади до 5 хектари, градинарски до 2 хектари, кај тутунот до еден хектар и житните култури до 10 хектари.
Во Македонија четири осигурителни компании нудат земјоделски полиси, а од вкупно регистрираните 100.000 земјоделци, посевите ги осигурале само 1.500 земјоделци.
Најголема заинтересираност покажале земјоделците во Кавадарци, каде им 340 и во Неготино околу 230 осигурани земјоделски површини. Годинава апликациите почнаа да се поднесуваат од минатиот месец и тој рок ќе трае најмалку до крајот на месец август годинава. Лани оваа субвенција ја искористиле само 1.200 земјоделци во земјава./Б.Н.Т
