Во Македонија да биде штабот на балканските воено медицински сили!
Генерал штабот на АРМ и министерството за одбрана на Македонија ја поддржаа иницијативата за формирање на заеднички воено медицински сили на земјите од Балканот. Тоа е воена формација која ќе биде подготвена за интервенции при евентуални елементарни непогоди и катастрофи. Во неа ќе учествуваат со медицински персонал, обучен и секогаш подготвен, балканските земји. За оваа иницијатива разговарале началниците на Генерал шатабовите на земјите учеснички на последната конференција во Тирана.
– Сметам дека задачата, улогата на заедничките медицински воени сили не е само во значењето и улогата на АРМ. Овие медицински сили имаат големо значење за министерството за здравство и општото здравство во РМ – рече генерал мајор Горанчо Котески.
АРМ и министерството за одбрана ќе се испратат понуда седиштето на заедничките воено медицински сили да биде во Македонија. Ова генерал мајор Котески го соопшти денеска на армискиот полигон во Пепелиште каде се одржа вежбата „Здружен отпор 13“.
Таму воено медицинските тимови на АРМ и на уште шест земји учеснички на вежбата по десет дневна обука изведоа вежба во која спасуваа граѓани од пожар. Припадниците на македонската како и на армиите на САД, Албанија, БиХ, Црна Гора, Словенија и Косово ја демонстрираа заедничката подготвеност да се справат со овој вид несреќа. Во вежбата беа вклучени и македонските цивилни служби кои интервенираат во вонредни услови.
-Сите учесници покажаа висок степен на координираност на активностите и дејствување за спроведување на сите мерки кои што од нив се очекуваат спрема составот што го имаат во екипите во кои беа ангажирани -рече министерот за одбрана Талат Џафери.
Задоволен од заедничката подготвеност за дејствување во вонредни услови беше и кодиректорот на вежбата, потполковникот на армијата на САД, Џефри А. Кантор
– Навистина сум импресиониран од нивото на стручност и експертиза што ја покажа АРМ како и партнерите земји во нивната работа и заедничка координација – рече Кантор.
На вежбата во функција беше ставена лесната воена маневарска болница која АРМ ја доби како донација вредна 2,5 милиони евра од Норвешка. Болницата е опремена со скапи медицински апарати кои овозможуваат секаков вид на хирушки интервенции.
Во вежбата учествуваа и припадници на Министерството за внатрешни работи, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Црвениот крст на Република Македонија./Б.Н.Т
