„Досе Досе, јаден Досе“ најомилена песна на единствениот кеманист во кривопаланечко,Досе Ангелов!
За викенди, празници па и преку неделата 59 годишниот Досе Ангелов од Крива Паланка, единствениот свирач на кемане во овој крај ќе ве пречека во конаците на манастирот „Свети Јоаким Осоговски“. Од неговото кемане ќе слушнете македонски песни кои порано не сте ги чуле. Со нив Досе подеднакво ги водушевува домашните и странските туристи присутни во манастирските конаци.
Си седи, си свири и пее овој народен музичар скоро половина век. За него луѓето од манастирот ни рекоа дека секогаш предизвика љубопитност. Така беше и при нашата посета.
– Не свирам за пари,туку од љубов, музиката ми е навлезена во крвта. Одев во Куманово како мал и гледав кога свиреше стариот мајстор за кемане Кузе. Тој шеташе низ градот и свиреше, кај автобуската станица, болницата, а јас слушав како свири, не трепнував додека стоев покрај него, ги голтав неговите движења по инструментот. На десет години го направив првото кемане и оттогаш не се одделив од него. И така минуваа години а јас со кемането в рака кај не сум бил, насекаде. Кемането и музиката ми е инспирација, ми ја исполнува душата. Кога сум сам без него како да не постојам, во овие тешки времиња тоа ми е лек за душата. Свирам секаде каде ќе ме викнат, на свадби, веселби, крштенки, јас пеам, свирам и сум си свој, – раскажува Досе.
Ни раскажа дека направил многу кемањина. Како дете сечел ореово дрво од шумата и вешто, внесувајќи ја целата својата умешност го изработувал инструментот. Многу од нив подарил на свои пријатели а ова кемане што го држеше в раце ни рече дека го има скоро 50 години. Досе знае да отсвири стотина песни а онаа која му лежи на срце е сепак “Досе Досе, јаден Досе”. Секогаш си ја пее кога му е тешко на душата. Овој човек сега живее од свирењето, зашто после затворањето на фабриката во која 30 години работел – Текстилен комбинат Карпош, сега му остана само кемането.
– По навика доаѓам овде, во манастирот, па некогаш се наоѓа некој кој ќе даде нешто и кој свирењето на кемане го вреднува како ументост – рече Досе.
Тој добива бакшиш а најголемиот бил од поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски.
– Свири ја за мене „Крушево абер пристигна“, ми рече човекот кој дојде до мене, тогаш забележав дека е Љубе Бошковски, не знаев дека е тука. Ми даде 1000 денари а јас бев пресреќен зашто дотогаш никој ме немаше толку почестено. Со парите си купив стаклен балон за ракија, од околу 50 литри и ден денес го чувам како спомен од тој момент, – се сеќава стариот кеманист.
Свирел и на плоштадот во Скопје до каде патувал секој ден а пред некоја година како специјален гостин, учествувал и во театарската претстава “Македонски Дионисови чествувања” на Центарот за театар и култура “Скрб и утеха”.
Досе секогаш покрај кемането има шишенце со ракија, сливовица, за која вели дека ја носи со себе за полесно да запее и песната да се разлее./Билјана Наумова Тошевски.
