Се вози од денеска по мостот кај Пепелиште!
Пуштен е сообраќајот по мостот на реката Вардар кај неготинското село Пепелиште.
– Направивме преглед на состојбата. Најголемото и најкритичното оштетување кое настана со поплавниот бран е целосно санирано успешно, а можам со задоволство да кажам дека целата процедура е спроведена во исклучително краток период – рече професор доктор Горан Марковски од Градежниот факултет кој заедно со надлежни институции извршија увид на санацијата.
Преку мостот ќе можат да се движат автомобили, трактори и запрежни коли. Сепак возачите ќе мора да внимаваат и да ја ограничат брзината на 30 километри на час.
– Има ограничување на движење и на еден дел од мостот под столбното место кое има одредени оштетувања се до неговата санација после што целиот мост ќе биде пуштен во нормален сообраќај. Ограничувањата нема да бидат пречка за протокот на возила. Тонажата не е ограничена – рече Марковски.
Санацијата на мостот ќе продолжи. Долу на столбовите ќе се работи додека горе по мостот ќе се движат лесни моторни возила. Од ЈП за патишта најавија дека бараат пари за изработка на проект за комплетна поправка на мостот кој пред седум месеци, пропадна и попушти на средината за 15 сантиметри./B.Н.Т
