Бактериолошки загадена водата за пиење во село Војшанци!

Објавено на 14 јуни, 2013 во 14:34

Дождовите што пролетва наврнаа, големата количина на вода и долгогодишните комунални проблеми во некои од неготинските села се причина што и во денешно време граѓаните пијат  неисправна вода.

Резултатите од анализи на земените мостри од водата за пиење од селскиот водовод во Војшанци покажале дека е пронајдена бактеријата ешерихија коли како резултат на нехлорирана вода. Препораките од надлежните се дека водата мора да се дезинфекција поточно да се хлорира или во случајов задолжително треба да се преврива.

– Бактериолошки неисправна вода за пиење има зашто не се врши хлорирање, рекоа епидемиолозите.

Во ваква состојба лекарите укажуваат дека доколку не се преземат соодветни превентивни мерки можна е појава на цревни заразни болести.

Во голем дел од селата во Македонија, со вода за пиење од водоводи, кои ретко се хлорираат водоснабдувањето е ризично поради бактериолошката неисправност.

– Водата не е исправна за пиење, со допис ни потврдија од Институтот за јавно здравје ,таа досега воопшто не е хлорирана бидејќи нема хлоратор. Во преговори сме со општината, комуналниот инспектор дојде и ја виде состојбата. Рече дека хлораторот изнесувал 190 илјади денари и дека треба да доставиме барање до општината за таа да го купела, – рече Марјан Василев, од МЗ Војшанци.

Од општина Неготино пак со одговор дека досега никој не ги известил за ваквата состојба со водата за пиење во селото.

-„Ние како општина од страна на Центарот за јавно здравје, немаме добиено такво известување. Селото се напојува од  два извори и една бунарска пумпа која во моментов не е во функција бидејќи нема потреба зашто стариот водоснабдителен систем ги задоволува потребите во овој момент“,истакна комуналниот инспектор Бранко Велјанов.

Според него општината во програмата за комунални дејности за 2013-та имала предвидено средства за набавка на хипохлоринатори кои го вршат задолжителното хлорирање и го подобруваат квалитетот на водата за пиење а оваа година во план биле да се купат за селата Војшанци, Курија и Пепелиште.

-“Водоснабдителниот систем сеуште технички не е предаден на ЈП Комуналец со што се отежнува и одржувањето на системот. Со веќе донесена одлука  на советот треба да ги преземеме сите селски водоснабдителни објекти под капата на комуналното претпријатие со што ќе се создадат услови за нормално одржување“,смета Велјанов./Б.Н.Т

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.