Ковид – 19 коси: Неготино и Демир Капија остануваат најинтензивни жаришта
Веќе подолг период Неготино и Демир Капија се најинтензивни жаришта на Ковид -19 во државата, а тоа го потврдува и неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.
Само вчера двајца граѓани на Демир Капија и еден на Неготино ја изгубија битката со коронавирусот.
Имено, според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 15 до 21 март 2021, тестирани се вкупно 24.517 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 8,4% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 6.899 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со зголемување од 26,4% во однос на минатата недела.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=3.441; 49,9%), со неделна инциденца – 557,1/100.000. Највисока неделна инциденца од 899,1/100.000 е регистрирана во Неготино (заедно со Демир Капија), стои во извештајот.
Заклучно со вчерашниот ден во Неготино има 410, додека во Демир Капија 72 активни случаи на Ковид – 19. Голем дел од овие лица се хоспитализирани во кавадаречката болница, како и на клиниките во Скопје.
Здравствените власти кои се на работ на силите, повторно апелираат до граѓаните да се воздржат од секакво групирање, да носат заштитна маска и одржуваат дистанца, со цел намалување на притисокот врз здравствените работници, како и сузбивање на пандемијата.
Мите Јаначков