Незадоволните пензионери во Велес со корегирани барања за линеарна помош и покачување на пензиите
Инфлацијата ги изеде првичните барања за линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари и најниска пензија од 18.000 денари, констатираа незадоволно пензионерите кои повторно се собраа на синоќешниот протест на плоштад „С`рмаале“ во Велес. Тие го поддржаа Иницијативниот одбор кои пред нив ги соопшти новите барања со корегирани суми како на еднократната помош така и на висината на минималната пензија коишто очекуваат да ги прифати Владата.
„Бараме линеарно покачување на сите пензии во висина од 5.000 денари и минималната пензија да изнесува 20.000 денари. Делегација на пензионерите на Македонија оствари контакт со Мисијата на ОБСЕ во Македонија од каде добивме уверување дека сите наши забелешки и нашата Иницијатива ќе ја достават до сите релевантни институции на ЕУ во Брисел. Тоа значи дека нашиот проблем се интернационализира. Пораката е да истраеме до крај во остварувањето на нашите права. До крајот на месец октомври ќе се одржат голем број на протести низ градовите во државата и два големи во Скопје,“ рече Кире Василевски секретар на Сојуз на пензионери за достоен живот.
Од синоќешниот протест во Велес,исто така, беа најавени два поголеми пензионерски протести којшто ќе се одржат во Скопје до крајот на овој месец. Првиот пред седиштето на Делегацијата на Европска Унија и вториот пред Амбасадата на САД во Македонија.
Од Сојуз на пензионери за достоен живот го најавија и протестот којшто во вторник, на 17 октомври, ќе се одржи во Велес. Протестот е закажан во 17:00 часот кај споменикот на Панко Брашнаров во Нова Населба кога пензионерите ќе ги блокираат регионалниот пат Велес-Чашка и улицата ,,Андон Шурков“ во Велес.
Убавка Јаневска