Независни и непрофитни платформи за информирање на граѓаните на локално и регионално ниво покажуваат резултати (фото и видео)

Објавено: 17 септември, 2025, во 10:36 часот

Граѓаните и граѓанските организации се најчести извори на новинарите во медиумските производи на теми од јавен интерес. Првите им ги дојавуваат проблемите со кои се соочуваат додека вторите ги актуелизираат во локалните заедници и да се решат. Овој начин на соработка веќе петта година препознаен е и од Институт „РЕСИС“ којшто иницира и помага во развојот на Медиумите на заедницата со цел да се создадат независни и непрофитни платформи за информирање на граѓаните на локално и регионално ниво. Веќе се етаблирани две такви платформи – Локал Актив Исток и Локал Актив Вардар, а од неодамна во функција е ставена и третата платформа Локал Актив Пелагонија.

-Идејата на ваквите медиуми е да се создаваат информативни содржини произлезени од партнерства помеѓу новинарите и граѓанските активисти во речиси секоја општина од регионите за кои се наменети овие платформи. Знаејќи дека во секоја општина постојат здруженија на граѓани кои се обидуваат да решат некои проблеми во нивната заедница и дека постојат активни професионални новинари во секој македонски регион, се обидуваме да ги мотивираме заедно да истражуваат актуелни теми во нивните средини, за кои најверојатно никој од етаблираните комерцијални медиуми на национално, па и на регионално ниво, не сака или не смее да објавува информации. Резултатот е импресивен, затоа што во изминативе години на овие медиуми на заедницата се објавија неколку стотици вести и неколку десетици аналитички стории кои направија големо влијание кај многу локални заедници во Источниот, Југоисточниот и Вардарскиот регион. Дополнителна вредност на нашиот пристап им даваат вредните активистички застапувања за проблемите за кои се објавиле истражувачките статии, рече Слаѓан Пенев од Институт „РЕСИС“.

Ангажманот на граѓанските организации не завршува со објавувањето на приказната, туку продолжува преку формулирање барања кои се упатуваат до релевантните институции кои се препознаени како клучни за решавање на проблемот за кој се пишувало во сторијата, се спроведуваат застапувачки активности, по што се бараат одговори и практични решенија од јавните институции. Првичните резултати му покажаа на Институт Ресис дека многу од проблемите за кои се пишувало и се спроведувале застапувања доведе до реакции од одговорните институции, а во неколку случаи и до решавање на детектираните проблеми.

Актуелната слика на новинарството, особено во внатрешноста на Македонија, покажува дека има се помалку новинари и медиуми па затоа ваквиот начин на соработка со граѓанските организации е значаен за информирање на граѓаните на локално и регионално ниво, вели Билјана Георгиевска новинарка со долгогодишно искуство во македонски медиуми и актуелна Извршна директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија.

Институт „РЕСИС“ беше организатор на обука за пишување на новинарски аналитички приказни за граѓански активисти и млади новинари којашто се одржа во Велес. Целта на институтот е да продолжи да ги поддржува и да ги зајакнува капацитетите на членовите на редакциите на овие медиуми на заедницата преку регрутирање на нови активисти и новинари кои ќе објавуваат информациите и ќе бараат решавање на локалните проблеми за кои малку се зборува во традиционалните национални и локални медиуми.  

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.