Нов одрон на карпа во велешко
Карпа, тешка повеќе тони, се одрони вчера вечер околу полноќ , на регионалниот пат Велес – Градско. Одронот е на локација веднаш после угорнината на патот и првото свртување, пред село Црквино. Карпата ја зафаќа едната коловозна лента. Сообраќајот не е целосно затворен. За одронот ноќеска биле известени во ЈП „Македонија пат“ подружница Велес. Нивни екипи од ноќеска работеле на расчистување на поситните одронети парчиња на патот. Бидејќи еден дел од карпата е голем и не можел да се утовари побарана е помош од националното претпријатие.
-Од ноќеска на полноќ наши екипи започнаа со отстранување на откинатите карпести делови. Најголемиот, за кој во моментов, не можам со сигурност да ви кажам колку е тежок, единствен начин да се отстрани е да биде искршен на помали делови. Затоа ни е потребна машина за дробење што ја очекуваме во секој момент да стигне од Скопје. На локацијата на одронот се поставени смерокази и направена е координација со сообраќајната полиција на СВР Велес, за да може се до отстранувањето на големото парче карпа, протокот на сообраќај да биде безбеден. Во текот на денот се надеваме дека патниот правец ќе биде целосно расчистен, рече Ѕвонко Коцевски, раководител на велешката подружница на ЈП „Македонија пат“.
Во исто време, од велешката подружница на ЈП Македонија пат, апелираат патниот правец да се користи со голема претпазливост и прилагодена брзина на условите на патот, поточно само по една од двете коловозни ленти. Таму се поставуваат и сообраќајни знаци, што ќе мора да се почитуваат. Поради целосна безбедност на сообраќајот ,по овој дел од регионалниот пат, можеби е најдобро да не се мине. Наместо регионалниот сепак да се користи автопатот.
Од велешката подружница на ЈП Македонија пат, исто така, најавија дека во текот на денот ќе информираат за постапката на дробење и утоварање на одронот како и за целосното ставање во употреба на двете коловозни ленти на патот.
Исто така за одронот е информирано и ЈП за државни патишта надлежно за изградба и одржување на патната мрежа во државата.
Убавка Јаневска