Новата училишна зграда на ПОУ „Лирија“ ги отвори вратите за образование на учениците во Долно Јаболчиште
Во девет нови училници, од денеска, учат 210 ученици на ПОУ„Лирија“ во Долно Јаболчиште. Тие се само дел од новата училишна зграда со корисна површина од 430 м2. Во објектот има простор за библиотека, за наставничка и за канцеларија на управителот,нови инсталации за осветлување, греење, водовод и одвод како и тоалет за ученици со посебни потреби. Учениците во новата зграда настава ќе посетуваат до деветто одделение. Таму образованието, од шестто до деветто одделение, ќе го продолжат и учениците од село Врановци, во Општина Чашка.
-Новиот училишен објект е повеќе од нова зграда. Тој е симбол на напредокот, но и наша посветеност да создадеме достоинствено образовно опкружување за нашите ученици. Со овој нов училишен објект, им даваме на учениците нови можности за да ги развиваат своите таленти и да ги следат своите соништа во модерна средина опремена со нов инвентар, како столици, клупи и потребни дидактички средства за обезбедување што поквалитетно образование. Една од нашите главни заложби беше обезбедувањето на учебниците за сите ученици по сите предмети. Денес, со задоволство можам да кажам дека сите основни училишта се снабдени со потребните учебници, за секој ученик да ги има потребните дидактички средства за следење на наставата и за напредок во своето образование, рече Лулзим Алиу заменик министер на свеченото предавање во употреба на училиштето.
Алиу им посака успешен почеток на учебната 2024/2025 година на сите ученици и нагласи дека новата училишна зграда била реаултат на взаемната соработка на родителите на учениците, општината и министерството при тоа цитирајќи мисла на грчкиот филозоф Платон: „Образованието е златен клуч за отворање на вратите на слободата“ како аргумент на констатацијата дека образованието е основа за развој на одржливо и праведно општество.
На свеченото отворање на училишната зграда присутните ги поздрави и им се обрати и градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски.
Изградбата на училишниот објект ја финансираа Министерство за образование и Општина Чашка.
Убавка Јаневска